Уживајте во Македонија во секоја сезона!
„Сите на снег“ во сабота на Попова Шапка

„Сите на снег“ во сабота на Попова Шапка

Во организација на Скијачката федерација на Македонија и сноуборд клубот „Полар“ в сабота на Попова Шапка ќе се одржи манифестацијата „Сите на снег“.

– На оваа манифестација неколку десетици деца на возраст од 6 до 14 години ќе имаат можност да ги направат првите чекори во скијањето и во сноуборд. За нив ќе се грижат 15 искусни тренери кои ќе се обидат да ги воведат во овие зимски спортови, информира на денешната прес-конференција Кирил Насков, секретар во Скијачката федерација на Македонија.

Главниот покровител на манифестацијата „АД ЕЛЕМ“ за сите деца обезбеди бесплатно користење опрема, бесплатни часови, бесплатен оброк и превоз од местата од каде што доаѓаат. За сега се пријавени дечиња од Велес, Кочани и Скопје.

„АД ЕЛЕМ“ започна со серија инвестициони зафати во туристичкиот центар Попова Шапка вредни околу 30 милиони евра.

– Еден од капиталните проекти што започнува годинава е изградба на шестоседата жичарница. Должината на трасата е 1.420 метри, иницијалниот капацитет за транспорт на скијачи е 2.400 скијачи на час, а максималниот 3.200 скијачи на час. По должината на оваа жичарница ќе бидат изградени три скијачки патеки со вкупна должина од 5 километри, изјави директорката на „ЕЛЕМ Турс“ Јованка Стојанова.

Од „ЕЛЕМ“ информираат и за објавен повик за паркинг со капацитет од 350 возила со соодветно осветлување и пристапен пат. Ќе се гради и нов хотел на местото на сегашниот „Славија“. За продолжување на ски сезоната во овој наш зимски центар предвидена е и изградба на систем за вештачки снег. Пред почетокот на сезоната 2014/15 на Попова Шапка ќе биде инсталиран нов систем за печатење и евиденција на билети. Со овој систем се очекува поекономично и поедноставно функционирање на скијачкиот центар. Една од новините е и изградбата на сноуборд парк кој ќе ги запази критериумите за одржување на официјални фис натпревари.

Сите на Снег 2014

– „АД ЕЛЕМ“ како општествена одговорна компанија истовремено и како сопственик на овој туристички центар ја почнува најавената реализација на мастер планот за развој на Попова Шапка и во рамките на своите можности ќе даде свој придонес кон плановите на Владата на Република Македонија, Попова Шапка да стане една од омилените туристички дестинации во југоисточна Европа, истакна Стојанова.

Close Menu